Breaking News

Ѓуровски: Во трката за пари, по кариера или по преживување, се заборава на децата, потребен е системски пристап


Во трката за пари, по кариера или по преживување, се заборава на децата. Потребен е системски пристап, смета професорот Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир.


 – Сите ние во суштина ја делиме одговорноста за денешната наша реалност. Родителите, наставниците, децата и системот.


Значи не може да покажеме со прст, конкретно за одговорност, затоа што на еден или друг начин, придонесуваме за ова што денес го живееме.

Дополнително, придонесуваат и геополитичките случувања, медиумите и реалноста во која живееме, изјави Ѓуровски пред денешната презентација на научно – истражувачки проект за безбедност во училиштата и градење мерки за превенција, реализиран од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј„ од Скопје, заедно со тим на професори од Филозофскиот факултет.


Дел од предлозите на експертите се да се разгледа можноста за предметна програма од областа на безбедносната култура во основното, средното и високото образование, да се направи контрола на лесното и мало оружје и да се направи анализа на казнената политика во делот на извршителите на насилство.

Сега е моментот, посочи Ѓуровски, кога се врши пререгистрација на дозволите кај граѓаните и мора да се зајакне контролата на начинот на чување на оружјето и почитувањето на регулативата кај стрелиштата.


 – Министерството за правда предлагаме да направи анализа на казнената регулатива во делот на политиката на извршителите на насилство.

Предлагаме и да се размисли за воведување на задолжителен тест кај учениците од средно образование и од деветто одделение за наркотични средства, еднаш до два пати во текот на училишната година.


Треба да се размислува и за обврски на носителите на медиумски услуги, интернет провајдерите, бидејќи дел од тие дарк страници што се користат, се потенцијален ризик, рече Ѓуровски.

бд/бак/Фото: МИА .

Извор: МИА