Грузиската претседателка Зурабишвили е против проектот за руска база во Абхазија


Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили денеска оцени дека можното поставување на руска воена база во сепаратистичкиот регион Абхазија е безбедносна „закана”.


Лидерот на таа проруска територија во октомври најави дека руската флота наскоро ќе има база „во областа Очамчире“, на брегот на Црното Море, без да го прецизира можниот датум на нејзиното отворање.


Грузија тогаш ја осуди најавата, наведувајќи дека тоа би претставувало „очигледно кршење“ на суверенитетот и територијалниот интегритет.

Прозападната претседателка Зурабишвили денеска во Парламентот рече дека проектот „има за цел да го премести конфликтот (од Украина) на Црното Море, во територијалните води на Грузија и на тој начин да создаде закана за стратешката перспектива на Црното Море“.


„Русија започна нови напади во својата хибридна војна против Грузија“, рече таа пред пратениците.

Русија веќе има воени бази во Абхазија и Јужна Осетија, два сепаратистички региони кои ги призна како независни во 2008 година по кратката војна против Грузија.


Од 2009 година, крајбрежниот град Очамчире служи како база за руските патролни бродови кои оперираат во Црното Море. рп/Фото: ЕПА .

Извор: МИА