Грковска учествува на форумот „Жените во јавниот живот“ во Брисел


Вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење Славица Грковска денеска во Брисел учествува на форумот на високо ниво „Жените во јавниот живот“, чиј домаќин е потпретседателката на Европската комисија за вредности и транспарентност, Вера Јоурова.


Како што јави дописникот на МИА од Брисел, фокусот на собирот е ставен на феноменот жените да го напуштаат јавниот простор поради постојаниот ризик од насилство и омраза насочена кон нив, вклучително и онлајн.


 Настанот исто така има за цел да ја истакне важноста на родовата еднаквост во донесувањето одлуки, како и да ги идентификува предизвиците на политичкото учество на жените, особено во контекст на претстојните европски избори и да излезе конкретни решенија за поддршка на жените на јавни позиции, вклучително и преку ангажман на медиумски платформи, регулаторни тела и политичките партии.

 Воведно обраќање на собирот преку видео конференциска врска ќе имаат претседателските на Европската комисија и на Европскиот парламент, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола, по што на присутните ќе им се обрати и Јоурова.


 Грковска, заедно со извршната потпретседател на Европската комисија за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност Маргрете Вестагер се најавени како главни говорниќки на форумот, а меѓу останатите истакнати жени што ќе се обратат на собирот преку видео конференциска врска се и поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон и словачката претседателка Зузана Чапутова.

 Во рамки на форумот ќе се одржат два панели, насловени „Жените во политиката“ и „Жените во новинарството и активизмот“, а ќе бидат искажани и сведоштва поврзани со безбедноста на жените во јавната сфера.


сп/нд/Фото: ЕК .

Извор: МИА