Европските власти денеска го обвинија рускиот претседател Владимир Путин за смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на „Х“ изјави дека е длабоко вознемирена и тажна од веста за смртта на Навални и оцени дека Путин не се плаши ништо повеќе од „несогласување од сопствениот народ“.
-Мрачно потсетување за тоа што се Путин и неговиот режим, рече Фон дер Лејен на социјалната мрежа „Х“ и повика на единство во борбата за заштита на слободата и безбедноста на оние кои се осмелуваат да застанат, како што напиша таа, „против автократијата“.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, изјави дека е шокиран од веста за смртта на Навални, кого го нарече „храбар човек кој го посветил својот живот за да ја спаси честа на Русија, давајќи им надеж на демократите и граѓанското општество“.
-Додека чекаме дополнителни информации, да бидеме јасни: ова е единствена одговорност на Путин, изјави Борел на социјалната мрежа „Х“. мс/фото: МИА архива .
Извор: МИА