Breaking News

Фламанската десничарска Н-ВА сака „да ја ослободи“ Валонија од социјалистите  


– Лидерот на десничарската националистичка Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Барт Де Вевер најави дека на федералните парламентарни избори во Белгија следната година, неговата партија планира да настапи со своја листа и во франкофонскиот регион Валонија.


 Де Вевер нагласи дека амбицијата на фламанската Н-ВА не е да оствари значаен резултат во франкофонскиот дел на Белгија и да освои „многу мандати“, туку да ја промовира „идејата за конфедерализам“ во државата и да поттикне дебата „за потребата од ослободување на Валонија од Социјалистичката партија“ (ПС).


 – ПС е лоша за Белгија. Валонија мора да се ослободи од ПС, изјави Де Вевер за фламанскиот јавен радиодифузен сервис ВРТ.

 Според Де Вивер, начинот на владеење на франкофонските социјалисти „е уште полош од оној во земјите од источниот блок кои се ослободија од комунизмот“.


 – Ова се должи на левичарското раководење кое функционира само благодарение на приливот на пари од трета страна, од Фландрија, изјави Де Вевер, додавајќи дека токму затоа Н-ВА сака „на теренот да испрати“ луѓе кои ќе ја пренесат партиската порака.

 Од нејзиното формирање во 1978 година, Социјалистичката партија освојува најмногу гласови на сите федерални парламентарни избори во франкофонскиот дел на Белгија, освен во 2007-та и на сите избори за европратеници од Валонија, со исклучок во 1999-та, кога и во двата случаи била второпласирана, како и на сите изборите за членови на регионалниот валонски Парламент од неговото формирање во 1995 година.


 Запрашан дали по изборите неговата партија е подготвена за формирање владина коалиција со екстремно десничарската партија Фламански интерес (ВБ), Де Вевер изјави дека тоа е „ирелевантно“ прашање и дека е многу поважно дали лидерите на „традиционалните фламански партии“ кои, според него, уживаат поддршка на само една третина од Фламанците, одново ќе формираат влада со сестринските франкофонски партии.

 – Треба да ги прашате дали се подготвени да формираат нова „Вивалди“ коалиција со една третина од гласовите на Фламанците? Ова прашање е порелевантно, рече Де Вевер.


 Актуелната белгиска влада ja сочинуваат социјалдемократската ПС, либералните франкофонско Реформско движење (МР) и Отворени фламански либерални демократи (Опен ВЛД), валонската зелена партија Еколо, десноцентристичката Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ), фламанската социјалдемократска Напред (Вурајт) и фламанската еколошка партија Зелени.

Коалицијата е наречена „Вивалди“ според композиторот Антонио Вивалди и неговото дело „Четири годишни времиња“, затоа што неа ја сочинуваат социјалдемократите, либералите, зелените и демохристијаните.

 Лидерот на Опен ВЛД, Том Онхена одби да ги коментира изјавите на Де Вевер, но предупреди дека „конфедералниот проект“ на фламанските националисти може да ја доведе Белгија во нов политички ќорсокак при формирањето влада, како по изборите во 2019 година, кога „Вивалди“ Кабинетот беше формирана 494 дена по изборниот ден, што, според него, земјата ја чинеше околу 10 милијарди евра.

 – Не можеме одново да си го дозволиме тоа. Затоа, од денот по изборите, сакаме да продолжиме да работиме на конкретни решенија за потребите на граѓаните и бизнисите.

Ова е единствениот начин да го зајакнеме нашиот просперитет, истакна Онхена во интервју за агенцијата Белга.

 Од друга страна, белгиската федерална министерка за клима, животна средина, одржлив развој и зелениот договор, Закија Хатаби запрашана за нејзино мислење за ставовите на Де Вевер, изјави дека „не мисли ништо за тоа“.

– Прво ни објави дека е кандидат за премиер, потоа дека повеќе не верува во Федералната влада, а сега ова. Ја чекам неговата следна изјава, истакна Хатаби за телевизијата РТЛ. сп/Фото: МИА Архива .

Извор: МИА