Ерменскиот премиер Пашињан ќе ја посети Русија


Ерменскиот премиер Никол Пашињан ќе престојува во дводневна работна посета на Русија, соопшти прес-службата на ерменската влада.


Тој денеска ќе учествува на состанокот на Евроазискиот економски совет во Санкт Петербург, а утре на неформалниот состанок на шефови на држави на Заедницата на независни држави (ЗНД).


И покрај долготрајните блиски врски меѓу Русија и Ерменија, односите меѓу двете земји неодамна станаа затегнати, а се повеќе се зборува за можно повлекување на Ерменија од Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), предводена од Русија, иако Пашињан постојано ги негираше овие тврдења.

Претседателот на ерменскиот парламент Ален Симонјан минатиот месец изјави дека ОДКБ не ги исполнува своите обврски кон Ерменија.


Иако ОДКБ треба да ѝ помогне на една земја-членка кога ќе биде нападната, тоа не го стори во септември минатата година, кога азербејџанските војници ги нападнаа пограничните области и зазедоа позиции внатре во Ерменија, пишува „eurasia.

net“.


Оттогаш, Ереван го намали учеството во блокот на минимум, истовремено насочувајќи се кон Европската унија, која најави дека ќе ја разгледа можноста за воена помош за Ерменија преку Европскиот фонд за мир.

рп/Фото: МИА архива .


Извор: МИА