Breaking News

ЕОС Груп истражување: Инфлацијата и енергетската криза создадоа загриженост за финансиската иднина кај граѓаните во Европа


 


 


Околу 47% од потрошувачите во Европската Унија и земјите од Југоисточна Европа се загрижени за својата финансиска иднина, покажува истражувањето на потрошувачите што го спроведе Групацијата ЕОС („EOС Group“).  Истражувањето е спроведено во првата половина од 2023 година во земјите членки на Европската Унија, Швајцарија и земјите од Југоисточна Европа. Главни причини за ваквиот тренд се високата инфлација која ги зголеми трошоците за живот и енергетската криза, која минатата година донесе историски највисок раст на цените. Најмногу како резултат на овие два фактора, 53% од испитаниците одговориле дека станале повеќе ценовно чувствителни, а 44% од нив купувале производи на распродажба, односно со пониски цени, додека 33% избегнувале непотребни трошоци и ја намалиле личната потрошувачка.

Во С. Македонија 42% од испитаниците одговориле дека се ценовно чувствителни и внимаваат на својата лична потрошувачка. Гледано по земји, овој процент е највисок во Романија – 67%, Унгарија – 66%, Чешка – 63% и Франција – 59%. Според истражувањето на „ЕОС Груп“, како резултат на ваквите трендови, 33% од граѓаните најмногу штеделе на услуги за релаксација и рекреација.


„Истражувањето јасно покажува дека инфлацијата и енергетската криза ја зголемија ценовната сензитивност кај граѓаните, но исто така се забележува и тренд на поодговорно трошење и грижа за домашниот буџет. Сите ние се обидуваме да ги намалиме личните задолжувања, а особено во време на криза и општа неизвесност. Главните трендови во истражувањето покажуваат дека финансискиот сектор треба повеќе да вложува во развој на решенија кои ќе бидат креирани според потребите на корисниците, а истовремено важно е да продолжи развојот на услуги креирани на база на доверба и разбирање на клиентите. Како водечки финансиски инвеститор за управување со побарувања, ние имаме голема експертиза во овој сегмент и продолжуваме да работиме на дополнително унапредување на алатките со кои ќе го подобриме односот со корисниците во интерес на двете страни“, истакна д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на „ЕОС Матрикс“, дел од Групацијата ЕОС.

Истражувањето на потрошувачите покажува и благо зголемување на задолжувањето од 19%. Најголем процент на зголемување на задолжувањето има во Романија и Унгарија од 30%, а високо на листата е и С. Македонија, каде задолжувањето се зголемило за 29%, а во Србија за 28%. Подмирување на трошоците за греење, електрична енергија и храна биле главна причина за задолжувањето. Најголемиот процент на задолжување или 56% отпаѓа на мали кредити до 1.000 евра, а 29% отпаѓа на кредити од 1.000 до 5.000 евра. Овој тренд укажува на опаѓање на животниот стандард кај дел од граѓаните. Истражувањето укажува и на зголемено користење на готовина наместо електронско плаќање. Имено, 43% од испитаниците одговориле дека користат повеќе готовина отколку шест месеци претходно, што укажува на зголемен страв и неизвесност кај граѓаните.


„ЕОС Матрикс“ е водечки финансиски инвеститор во сегментот на управување со побарувањата базиран на напредни технологии и иновативни решенија. Со своите активности и експертиза, „ЕОС Матрикс“ дава значителен придонес за развој на финансискиот сектор во земјата и проширување на палетата на услуги и можности. Компанијата одбележа 20 години од своето работење на пазарот. „ЕОС Матрикс“ е дел од „ЕОС Груп“, групација која работи на повеќе пазари. Во фискалната 2022/2023 година, обемот на инвестиции во портфолијата на побарувања на компанијата изнесува 1,2 милијарди евра, а приходите беа зголемени за 21,4%. „ЕОС Груп“ е присутна на пазарите во 24 земји, а вработува 6.000 лица ширум Европа.