Breaking News

Два молотови коктели фрлени врз кубанската амбасада во Вашингтон


Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез Парила денеска соопшти дека врз кубанската амбасада во САД биле фрлени два молотови коктели и додаде дека нема повредени.


Нападот се случи само неколку часа откако кубанскиот лидер Мигел Дијаз-Канел се врати во Куба од Њујорк, каде присуствуваше на седницата на Генералното собрание на ОН.


Кубанската амбасада повторно беше отворена во 2015 година кога САД и Куба ги вратија дипломатските односи прекинати во 1961 година.

Родригез потсети дека во таа зграда било пукано и во претходниот напад во 2020 година.


„Антикубанските групи се свртуваат кон тероризам кога ќе почувствуваат неказнивост, за што Куба постојано ги предупредуваше американските власти“, напиша Родригез на својот профил на мрежата Икс (Твитер).

Претходно овој месец, претставниците на САД и Куба постигнаа напредок по голем број прашања за време на разговорите на високо ниво во Вашингтон. паг/Фото: МИА архива   .


Извор: МИА