ДСУ „Коле Неделковски“ – Велес нуди формално и образование за возрасни со меѓународни признати сертификати


Средното стручно училиште „Коле Неделковски“ од Велес, кое од 1 јануари годинава  со одлука на Влада прерасна во  Регионален центар за стручно образование и обука во Вардарскиот регион, освен  разни профили во формалното образование дава акцент и на неформалното образование или образованието за возрасни.


Обуките за возрасни веќе се верифицирани од Центарот за образование за возрасни, а за најдоцна од  еден месец се чека и дозволата од МОН.


Такви обуки, кои веќе се вршат во оваа училиште се за готвач-гастроном, аргон – заварувач и ракувач со виљушкар,  информираше на денешната средба со новинарите  директорката Весна Стојанова Богоевска.

 Таа најави дека од МОН најдоцна за еден месец треба да бидат верификувани и оние обука за возрасни и за други профили, кои се планираат да ги изведуваат во училиштето и за кои има интерес од возрасните за дошколување.


-Ние ќе развиваме и нови обуки за возрасни затоа што сметаме дека процесот на доживотно учење е процес кој е распространет насекаде во светот, а кај нас во земјава за жал сега се посветува многу малку внимание, потенцира Стојанова Богоевска.

Таа информира дека Регионалните центри, кои се  пет во земјава, меѓу кои и државното средно училиште „Коле Неделковски“ од Велес како Регионален центар за стручно  образование и обука во Вардарскиот плански регион ќе има право да врши  и валидизација на стекнатите вештини.


Тоа ќе значи проценка на стекнатите вештини, за кои возрасни лица веќе  го имаат стекнато како вештина и искуство, но немаат диплома тоа да им биде потврдено, дека го поседуваат како вештина.

Стојанова Богоевска информира дека во формалното образование за средношколци оваа училиште од МОН побарало за идната учебна година зголемување од 10 на 11 паралелки.


Тоа очекуваат да биде одобрено во конкурсот кој МОН ќе го објави на 31 март годинава.

– Освен за трет и четврт степен на образование оваа година првпат од МОН побаравме и втор степен на редовно образование.

Вториот степен на образование е посветен на ученици коишто сакаат да се стекнат со повеќе вештини коишто се конкурентни на пазарот.

Се одлучивме за наредната учебна година тоа да биде за електро струката, а ако има интерес следните години ќе бараме да се воведе и за машинските струки, иако ние како училиште веќе имаме верифицирано за машинската струка за втор степен, но тоа сега е само за образование  на возрасни, појасни Стојанова Богоевска.

Информира дека во третиот степен,  како и оваа учебна година и за наредната учебна година планираат да има  пет дуални паралелки кои што се реализираат  во соработка со фирми-социјални партнери.

Тоа се:техничар за производно машинство  по германски модел, машински техничар за моторни возила, заварувач, која исто така е дуална паралелка и  е комбинирана со автомеханичар и бравар.

-Го враќеме браварот како струка затоа што самите фирми бараат да има бравари кои им се потребни во работата.

Одиме и со машински техничар, која ќе биде исто така комбинирана паралелка, а од угостителската  струка, со   готвач-келнер.

Од сообраќајната струка имаме струка за  техничар за транспорт и шпедиција.

Додека во електро-техничката струка мошне популарната компјутерска техника и автоматика или програмирање како што го нарекуваат учениците.

Електроника и телекомуникации и дуалната паралелка електротехничар-енергетичар со  техничар за индустриска мехатроника, а која е исто така дуална паралелка со социјални партнери од територијата на Општина Велес, информира Стојанова Богоевска.

Појасни  дека во ова  државно средно училиште од четири струки, колку што постојат, трите од нив  се веќе  избрани во кои ЕУ и Министерството за образование и наука (МОН) ќе инвестираат во опрема, материјали, како и во обука за професорите.

Од машинската струка тоа се машински техничар и техничар за компјутерско управување за работа со ЦНЦ машините и автомеханичарите, а од сообраќајната струка е техничарот за транспорт и шпедиција.

Од електротехничката струка ќе бидат инвестирани, како што рече, добри финансиски средства за струките електротехничарот-енергетичар и техничар за електроника и телекомуникации.

Потенцира дека обуките за професорите  се веќе започнати три-четири циклуси.

Освен обуките за стручните предмети ќе се реализираат и обуки  за професорите од општо-образовните предмети од природно-математичкиот актив.

Во моментов во ова училиште се школуваат 876 ученици од Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија и други места, од кои повеќето се сместени во Ученичкиот дом во Велес. ад/мд/Фото: МИА  .

Извор: МИА