Breaking News

Десетици луѓе загинаа во напад на исламски екстремисти во источниот дел на Конго


Десетици луѓе загинаа во напад на екстремисти поврзани со терористичката група Исламска држава (ИД) на истокот на Конго, во близина на границата со Уганда,  соопшти денеска конгоанската армија.


Портпаролот на армијата во провинцијата Северен Киву, Ентони Мулашаи, изјави дека напаѓачите запалиле локална болница и однеле неколку цивили, а војската убила четворица милитанти и спасила четири лица во конфликтот.


Локалните сведоци тврдат дека бројот на загинати е поголем, а многумина се водат за исчезнати откако биле киднапирани.

Другите преживеани ги напуштија своите села во блиските урбани центри Бени и Мангина.


Групата на Сојузничките демократски сили веќе подолго време дејствува на истокот на Конго, проценуваат Обединетите нации дека од почетокот на оваа година во конфликтите во тој дел на земјата загинале речиси 200 луѓе.

Претставникот на ОН во Конго Бинту Кеита минатата недела предупреди дека насилството ескалира, со илјадници прекршувања на човековите права, вклучително и силување.


Источно Конго е зафатено од повеќедецениски конфликти бидејќи повеќе од 120 вооружени групи се борат за контрола на вредните минерални ресурси, а некои се обидуваат да ги заштитат своите заедници.

Масовните убиства од бунтовниците се вообичаени. ОН проценуваат дека повеќе од седум милиони луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови поради насилството. паг/Фото: МИА архива   .


Извор: МИА