Делегација на Хамас патува во Каиро на разговори за прекин на огнот во Газа


– Делегација на Хамас се очекува денеска да отпатува во Каиро на разговори за воспоставување привремен прекин на огнот во Појасот Газа, изјави неименуван извор близок до групата.


Изворот наведе дека делегацијата на Хамас ќе се сретне со египетските претставници кои посредуваат во преговорите меѓу Израел и палестинската милитантна група за прекин на конфликтот и размена на заложници кои Хамас ги држел за палестински затвореници во израелските затвори, јави Тајмс оф Израел.


Изворот рече дека делегацијата на Хамас ќе го следи напредокот на преговорите и ќе го достави „официјалниот одговор“ на палестинската група на предлогот направен со израелските преговарачи во Париз на крајот од минатиот месец.

Претставниците на Египет, Катар и САД посредуваат меѓу преговарачите на Израел и Хамас во обид да обезбедат пауза во борбите пред муслиманскиот свет месец на постот – Рамазан, кој почнува на 10 март.


Изворот истакна дека Хамас, освен запирање на израелската офанзива, сака и нови услови за примирје за да обезбеди итна хуманитарна помош за Палестинците во Појасот Газа, повлекување на Израел и враќање на жителите на Газа кои беа раселени од северот на енклавата.

Египетски безбедносни извори додаваат дека страните се договориле за времетраењето на прекинот на огнот во Газа, ослободување на заложниците и затворениците, но дека нема договор за повлекување на израелските сили од северниот дел на Појасот Газа и враќање на Палестинците.


Израелскиот портал Вала, повикувајќи се на висок израелски функционер, вчера јави дека Израел им рекол на посредниците Египет и Катар дека нема да ги продолжи преговорите за прекин на огнот додека Хамас не му испрати список на израелски заложници кои останале живи во Газа.

јт/ .


Извор: МИА