Breaking News

Британски медиуми: Почна ревизија на одлуката за непожелен за Сали Бериша, што е историски чин


Во Велика Британија почна проверка на одлуката за прогласување на поранешниот албански премиер Сали Бериша за „персона нон грата“, што тамошните медиуми го нарекуваат „историско преиспитување на одлуката на тогашната министерка за внатрешни работи, Прити Пател, со која на Бериша му се забранува влез во Велика Британија, јави Ора њуз.


Британија во јуни 2022 година, со тврдење за вмешаност во корупција и криминал, го прогласи Бериша за непожелна личност, откако во мај 2021 година тоа го сторија САД.


-Сали Бериша е актуелен лидер на албанската опозициска Демократска партија, но беше премиер на земјата од 2005 до 2013 година, а претходно беше претседател од 1992 до 1997 година.

Тој беше ставен во домашен притвор во декември минатата година додека против него се води истрага за можна корупција.


Во истата недела, Собранието на Албанија гласаше за суспендирање на пратеничкиот имунитет на Бериша по барање на СПАК, пишуваат британските медиуми.

Според нив, ова е првиот правен предизвик на одлуката на министерот за внатрешни работи да прогласи за непожелен опозициски лидер на „пријателска странска земја“ за Велика Британија.


Додаваат дека Бериша тврди дека обвинувањата за криминал и корупција упатени против него се невистинити и политички мотивирани.

-Од вчера во Специјалната комисија за жалби за имиграција (SIAC) во Обединетото Кралство почнало разгледувањето на барањето на поранешниот албански премиер и ќе трае до петок.


Адвокатскиот тим на Бериша го предводи Фергус Рандолф кој доби инструкции од Картик Митал, партнер во лондонската адвокатска фирма Zaiëalla and Co, наведуваат медумите. вт/ссм/ .

Извор: МИА