Британија ќе разговара за хуманитарна пауза во конфликтот во Појасот Газа, но не и за прекин на огнот, изјави портпаролот на премиерот


Велика Британија би разговарала за хуманитарна пауза во конфликтот во Појасот Газа за да се олесни испораката на помош, но не сака целосен прекин на огнот бидејќи тоа ќе биде од корист само за милитантите на палестинската група Хамас, изјави денеска портпаролот на британскиот премиер Риши Сунак, јави Би-Би-Си.


Во текот на ноќта, израелската војска ги засили воздушните напади над јужниот дел на Појасот Газа во моменти на меѓународни повици за прекин на огнот за да се овозможи помошта да влезе во палестинската енклава и да се спречат дополнителни жртви.


– Сеопфатен прекин на огнот ќе му користи само на „Хамас“, рече портпаролот.

– Хуманитарните паузи кои се привремени и ограничени по обем можат да бидат оперативна алатка и се разбира тоа е нешто што би можеле да го разгледаме и за кое разговараме, додаде тој.


Портпаролот на Сунак дополни дека британската влада не се согласува со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш дека нападите на Хамас претходно овој месец „не се случиле во вакуум“ – коментари што предизвикаа лут одговор од Израел.

– Не се согласуваме со таа карактеризација, рече портпаролот на британскиот премиер во врска со зборовите на Гутереш, но не побара оставка.


– Јасно наведуваме дека нема и не може да има никакво оправдување за варварскиот терористички напад на Хамас, додаде тој. ссм/фото:   .

Извор: МИА