Breaking News

Блинкен посетата на Блиски Исток ја почна од Саудиска Арабија


– Американскиот државен секретар Ентони Блинкен петта посета на Блискиот Исток ја почна од Ријад со средба со саудискиот престолонаследник Мохамед Бин Салман.


Целта на неговата посета е да постигне напредок во договорот за прекин на огнот и повоеното планирање за иднината на Појасот Газа, а истовремено да ги намали регионалните тензии.


На сите три фронта на Блискиот Исток, Блинкен се соочува со големи предизвици. Хамас и Израел отворено се во несогласувања околу клучните елементи на потенцијалниот договор за прекин на огнот во Газа.

Израел ги отфрли повиците на САД да го отвори патот за палестинска држава. И сојузниците на Иран во регионот покажуваат малку знаци дека американските воздушни напади ги одвратиле од дејствување.


Блинкен на средбата со бин Салман истакна дека е важно да се одговори на хуманитарните потреби на населението во Појасот Газа и да се спречи понатамошно ширење на конфликтот.

Тој, исто така, разговараше со принцот за важноста на изградбата на интегриран и просперитетен регион.


Додека саудиските власти истакнаа дека Ријад сè уште е заинтересиран за нормализирање на односите со Израел, но само доколку постои веродостоен план за создавање палестинска држава.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе ја продолжи војната во Газа додека Израел не го уништи Хамас и не обезбеди ослободување на 100-те заложници кои се држат во енклавата од нападот на 7 октомври.


За време на вчерашниот состанок со воениот персонал, Нетанјаху рече дека Израел поразил 18 од 24-те баталјони на Хамас, но не даде детали.

„Ние сме на пат кон апсолутна победа и сакам да ви кажам дека сме посветени на тоа да го постигнеме и дека нема да се откажеме“, рече тој.

САД, Египет и Катар подготвија предлог за неколкунеделен прекин на огнот и постепено ослободување на заложниците.

Но, Хамас соопшти дека нема да ослободи повеќе заложници додека Израел не ја прекине својата офанзива. Официјално, движењето сè уште не кажа што мисли за предлогот за примирје.

Се очекува да побара ослободување на илјадници палестински затвореници од израелските затвори, но Нетанјаху веќе ја отфрли таа опција.  ми/фото: ЕПА .

Извор: МИА