Breaking News

Блинкен ја започнува посетата на Блискиот Исток по петти пат од почетокот на конфликтот во Газа


Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ќе ја започне посетата на Саудиска Арабија, Египет, Катар, Израел и на Западниот Брег, која ќе трае до 8 февруари, соопшти Стејт департментот.


Во соопштението се истакнува дека ова е петта посета на американскиот министер за надворешни работи на регионот откако палестинската милитантна група Хамас го нападна Израел на 7 октомври минатата година, што доведе до израелска воена операција во Појасот Газа.


-Блинкен ќе продолжи со дипломатските напори за постигнување договор за ослободување на сите заложници и зголемување на испораката на хуманитарна помош за цивилите во Газа, соопшти Стејт департментот.

Се додава дека американскиот државен секретар ќе се обиде да го спречи ширењето на конфликтот, истовремено потврдувајќи дека САД ќе ги преземат неопходните чекори за одбрана на својот персонал и правото на слободна пловидба во Црвеното Море.


Според Стејт департментот, Блинкен, исто така, ќе продолжи со разговорите со партнерите за тоа како да се воспостави поинтегриран и мирен регион кој вклучува постојана безбедност и за Израелците и за Палестинците.

Од средината на ноември 2023 година, јеменската милитантна група Хути, која контролира делови од Јемен, нападнала десетици цивилни бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив, како што се вели, како поддршка на палестинската милитантна група Хамас во нејзината војна против Израел.


САД и Велика Британија соопштија дека синоќа, со воздушни напади од американски и британски авиони погодиле 36 цели на 13 локации на Хутите, во вториот ден од големите операции на САД против групите поврзани со Иран по смртоносниот напад врз американските војници минатиот викенд.

мс/фото: МИА архива .


Извор: МИА