Breaking News

Бајден изрази задоволство што нема да биде обвинет за поседување доверливи владини документи


– Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека е задоволен што специјалниот обвинител Роберт Хур нема да поднесе обвинение против него во случај на „несоодветно постапување“ со доверливи документи.


Актуелниот претседател кога беше потпретседател на САД изнесе и чуваше некои строго доверливи државни документи во својата куќа.


Обвинителот Хур соопшти дека одлучил да не покренува обвинение затоа што Бајден соработувал во истрагата и затоа што, како обвинет, најверојатно ќе предизвика симпатии во јавноста за време на судењето.

– Сметавме и на тоа дека на судењето Бајден ќе се претстави пред поротата онака како што ни се претстави кога разговаравме со него, како симпатичен, добронамерен постар човек со лоша меморија, рече обвинителот.


Со овој заклучок, Хур го обезбеди Бајден од потенцијална затворска казна поради несоодветно ракување (носење и поседување надвор од државни институции) со чувствителни владини документи, откако тој ја напушти функцијата потпретседател во кабинетот на тогашниот американски претседател Барак Обама во 2017 година.

Бајден во вонредното обраќање од Белата куќа, по повод објавувањето на заклучоците од истрагата, изјави дека не ги задржал документите намерно и оти не го прекршил законот.


Сепак, Бајден ги критикуваше забелешките на Хур за неговата меморија и налутено одговори дека неговата „меморија е доста добра“.

Заклучокот на Хур, сепак, не оди во прилог на 81-годишниот политичар, кој се обидува да ги убеди гласачите дека не е премногу стар за да служи уште еден четиригодишен претседателски мандат, пренесува Бета.


Обвинителот напиша дека меморијата на Бајден била „значително ограничена“ кога со него разговарал тимот на обвинителството.

– Бајден заборави во која година го почнал мандатот како потпретседател под претседателот Барак Обама и кога го завршил, а заборави и во која година почина неговиот син Бо, напиша Хур.

Бајден емотивно реагираше на вклучувањето на неговиот син во извештајот на специјалниот обвинител. – Како, по ѓаволите, се осмелува да го спомене тоа.

Искрено, кога ми го поставија прашањето, си помислив дека тоа не е нивна работа, рече Бајден за време на говорот во Белата куќа.

Сојузниците на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој се соочува со федерално обвинение од 40 точки за задржување на строго доверливи документи за национална безбедност откако тој ја напушти функцијата во 2017 година, ги искористија коментарите на Хур за меморијата на Баден.

– Ако сте премногу сенилни за да ви се суди, тогаш сте премногу сенилни за да бидете претседател.

Џозеф Бајден не е способен да ја води оваа нација, рече Алекс Фајфер, директор за комуникации на организацијата „Направете ја Америка повторно голема“.

Меѓу другото, Бајден е обвинет и за попречување на напорите на владата да ги врати споменатите документи, додека адвокатите на Бајден изјавија дека „претседателот целосно соработувал од првиот ден“ и дека неговиот тим „веднаш ги пријавил пронајдените доверливи документи за да се обезбеди нивно враќање“.

јт/Фото: ЕПА .

Извор: МИА