Breaking News

Зубер: ЕК побара детали за договорот за снабдување со гас на Бугарија преку Турција 


– Европската комисија достави барање за информации во врска со договорот меѓу „Булгаргаз“ и турската компанија „Боташ“ за снабдување со гас на Бугарија преку Турција и со внимание го следи ова прашање, изјави денеска портпаролката на Еврокомисијата за конкурентност, Леа Зубер.


 – Ние сме во контакт со релевантните власти и засегнатите страни.


Наша улога е да обезбедиме усогласеност со европските регулаторни стандарди и со внатрешниот енергетски пазар, врз основа на поплаките за неусогласеност и можноста за прекршување на европските правила за конкурентност, истакна Зубер.

 Изјавата на Зубер, како што јави дописникот на МИА од Брисел, претставува одговор на новинарско прашање во врска со информацијата дека Европската комисија започнала истрага за договорот меѓу „Булгаргаз“ и „Боташ“, поради сомнеж за можни прекршувања на правилата за конкурентност на ЕУ.


 Според ЕК, постои загриженост дека „Булгаргаз“ може да биде единствената компанија со седиште во ЕУ, што ќе има пристап до природен гас преку турската инфраструктура и потенцијално да дејствува како посредник за испорака на гасот обезбеден од Турција во земјите од регионот.

 Со договорот, кој е со важност од 13 години, „Булгаргаз“ може да увезува ЛНГ од Турција преку интерконекторот „Странџа-Малколчар“, кој претходно се користеше за транспорт на руски гас за Турција преку „Трансбалканскиот гасовод“ што минува низ Бугарија.


Дополнително, „Боташ“, покрај за Бугарија, преку бугарскиот преносен систем може да испорачува гас и за соседните земји.

Турската компанија веќе најави дека подготвува договори за снабдување со гас на земји во регионот, меѓу кои и Унгарија, Романија и Молдавија, кој би транзитирал низ Бугарија. сп/Фото: МИА .


Извор: МИА