Breaking News

ЗНМ: Осуда за нападот кон новинарската екипа на ТВ24 на првиот ден од политичката кампања


Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува агресивниот однос и вербалните закани кон новинарката Елизабета Дамјановска и нејзиниот колега снимател од ТВ24, кој се случил за време на вчерашниот партиски митинг на ВМРО ДПМНЕ пред владата од страна на непознато лице.


Бараме од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ како и до останатите учесници во изборната кампања, да го осудат нападот кон колегите од ТВ24 и вакви инциденти да не се повторуваат, велат од ЗНМ.


Според изјавата од колегите на ТВ24, за време на синоќешниот прв партиски митинг на опозициската партија ВМРО ДПМНЕ пред владата во Скопје, од страна на агресивно лице имало непријатен инцидент кој ја загрозил безбедноста на колешката Дамјановска и снимателот на ТВ24.

Лицето најпрво започнало да ја навредува и омаловажува телевизиската екипа упатувајќи погрдни зборови и пцовки општо за сите новинари, а потоа ова ескалирало и со закани кон нив со што предизвикал чувство на страв и несигурност.


ЗНМ потсетува дека новинарите имаат својство на службени лица и дека напад кон новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело кое се казнува со казна затвор.
Извор: МИА