Breaking News

Земјите на ЕУ одобрија воена мисија за заштита на бродовите во Црвеното Море


– Сите 27 земји-членки на ЕУ ги одобрија плановите за формирање воена мисија за заштита на трговскиот бродски превоз во Црвеното Море од нападите на Хутите, потврдија денеска повеќе дипломати за ДПА.


Мисијата вклучува распоредување на европски воени бродови и воздушни системи за рано предупредување за заштита на товарните бродови во Црвеното Море, Аденскиот Залив и околните води.


Под наслов „Операција Аспидс“, оперативниот штаб на мисијата е во грчкиот град Лариса.

Конечната формална одлука за распоредување на мисијата ќе биде донесена на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел на 19 февруари.


Европската унија постигнала политички договор за почеток на мисијата минатиот месец, јави ДПА.

Од избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас, бунтовниците Хути поддржани од Иран постојано напаѓаат бродови наводно поврзани со Израел во Црвеното Море, принудувајќи ги големите бродски компании да ја избегнат оваа клучна трговска рута меѓу Европа и Азија преку Суецкиот канал.


Тоа сега има значително влијание врз глобалната економија. Хутите рекоа дека пукаат врз бродови за да принудат израелски прекин на огнот во Газа.

Како одговор, САД, Велика Британија и другите западни сојузници почнаа воздушни напади врз неколку позиции на бунтовниците Хути во Јемен, ескалирајќи ги и онака високите тензии на Блискиот Исток.


Во моментов, ЕУ не планира да учествува во американските напади врз позициите на Хутите во Јемен. Германскиот Бундесвер сака да учествува во мисијата со фрегатата „Хесен“.

Бродот со околу 250 војници денеска ја напушти поморската база во Вилхелмсхавен и се упатри кон Црвеното Море. јт/Фото: ДПА .

Извор: МИА