Breaking News

Зеленски оди во Конгресот и во Белата куќа за да изврши притисок за поголема американска воена помош во борбата против руската инвазија


Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска оди во Конгресот и во Белата куќа за да изврши притисок за поголема американска воена помош во борбата против руската инвазија, но Републиканската партија покажува малку знаци дека ги слуша неговите молби.


Во поголемиот дел од речиси две години кога Украина се спротивстави на нападот на претседателот Владимир Путин, САД ја предводеа западната коалиција која испраќаше милијарди долари во оружје и муниција.


Но, републиканците се поотворено ја отфрлаат потребата од финансирање на Украина, велејќи дека претседателот Џо Бајден треба да посвети поголемо внимание на домашната безбедност, особено на запирање на илегалната миграција преку американско-мексиканската граница.

Зеленски ќе се сретне со Бајден во Белата куќа и ќе одржат и заедничка прес-конференција.


На Капитол Хил, Зеленски ќе се соочи со својот вистински тест кога ќе им се обрати на републиканските и демократските сенатори и ќе се сретне со новиот републикански претседател на Домот, Мајк Џонсон.

Во говорот во понеделникот на Универзитетот за национална одбрана во Вашингтон, Зеленски рече дека борбата има глобални импликации.


„Кога слободниот свет се двоуми, тогаш слават диктатурите и созреваат нивните најопасни амбиции“, рече тој. „Тие гледаат како нивните соништа се остваруваат кога гледаат одложувања.

Зеленски, исто така, се сретна со шефовите на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка додека се обидува да ја поддржи загрозената економија на неговата нација.


ММФ најави ослободување на нова транша од 900 милиони долари од тековниот долгорочен заем.

Републиканските сенатори минатата недела го блокираа барањето на Белата куќа за итна помош од 106 милијарди долари, првенствено за Украина и Израел.

Конзервативците рекоа дека ќе го одбијат пакетот за овие блиски странски сојузници, освен ако демократите и Белата куќа, исто така, не се согласат на далечни реформи за имиграцијата.

Еден клучен републикански сенатор, Џејмс Ланкфорд, беше цитиран од американските медиуми вчера дека „нема да можеме“ да постигнеме договор до крајот на оваа недела.

Но, републиканската десница, предводена од поранешниот претседател и претседателски кандидат за 2024 година, Доналд Трамп, драматично се засили во многу поширока смисла против каузата на Украина.

Влијателните републиканци се повеќе се прашуваат зошто Соединетите Држави ја поддржуваат, како што ја опишуваат, невозможната амбиција на Украина да ги одврати назад сите руски напаѓачки сили, јавија западни медиуми.

„Она што е во најдобар интерес на Америка е да прифати дека Украина ќе мора да отстапи одредена територија на Русите и ние треба да ја завршиме војната“, рече во неделата сенаторот Џеј-Ди Венс, близок сојузник на Трамп.

Тој ги отфрли како „глупави“ предупредувањата на Белата куќа дека доколку се дозволи Русија да победи во Украина ќе ги доведе во опасност другите источноевропски земји, вклучително и членките на НАТО.

„Не треба да има „бланко чек“ за Украина, рече Венс. зш/ .

Извор: МИА