Breaking News

Здружението „Клуб на генерали“ избра ново раководство


Здружението „Клуб на генерали“ на Годишното воедно и изборно собрание што се одржа во Домот на Армијата во Скопје, го избра новото раководство, соопштија денеска од Здружението.


За нов претседател на Здружението е избран генерал Орце Јордев, кој функцијата ја презеде од досегашниот претседател генерал д-р Павле Арсоски.


На местото на досегашниот потпретседател генерал д-р Мухамед Рацај, е избран генерал Здравко Поповски.

На место на досегашниот претседател на Надзорниот одбор на Здружението генерал д-р Методи Хаџи Јанев избран е генерал Миче Ѓоргоски.


Во извештајот за работата на здружението „Клуб на генерали“ за периодот од 2022-2024 година досегашниот претседател генерал д-р Павле Арсоски истакнал дека во текот на неговиот двегодишен мандат се реализирани речиси сите од 51 предвидени активности од Програмата за работа.

„Клубот на генерали“ денес е Здружение препознатливо во стручната и поширока јавност во Македонија, а преку WEB страната и пошироко во светот.


Здружението денес е сместено во сопствени простории и е финансиски стабилно и сето тоа докажува дека се створени одлични предуслови за негово понатамошно развивање, јакнење и реализирање на уште поамбициозна и посодржајна програма за работа, истакнал генерал Арсоски, се наведува во соопштението.

Тој изразил огромно задоволство за тоа што во изминатите две години го претставувал и водел Здружението и на сите колеги членови им се заблагодарил за соработката и подршката.


Новоизбраниот претседател на Здружението генерал Орце Јордев се заблагодарил на поддршката што му е укажана и при тоа ја претставил Програмата за работа на Здружението за период 2024-2026 година.

Во свечениот дел од Годишниото собрание, соопштија од „Клубот на генералите“ биле доделени плакети и благодарници на луѓето кои со својот досегашен личен придонес и извонреден ангажман ја афирмирале работата на Здружението.

Во знак на благодарност плакети добиле и петмината генерали-претходни претседатели на Здружението.

„Клуб на генерали“ е здружение кое е основано во 2012 година и во кое членуваат армиските генерали, меѓу кои и поранешни команданти и началници на Генералштабот на АРМ , чија главна цел е да се бави со актуелните прашања од областа на безбедноста и одбраната на државата.

цр/евФото: Здружение „Клуб на генерали“ .

Извор: МИА