Breaking News

Заврши најголемата бадникова манифестација на Балканот


Заврши најголемата бадникова манифестација на Балканот – бадникови поворки, која традиционално се одржува за време на празникот Бадник.


Во вкупно 75 градови и села во нашата земја и пет во дијаспората, коледарчињата организирани во групи, најпрво во своите маала, а потоа и здружено во поворка, радосно и достоинствено ја вознесуваа веста за Христовото Раѓање.


Централната манифестација се одржа на плоштадот „Македонија“ во Скопје и на едно место ги собра децата од сите скопски општини кои ја оформија најголемата бадникова поворка.

Тие од Камениот мост се упатија кон Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ на топол прием и пригодно дарување кај Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан.


-„Ова му е потребно на народот!“, „Така се одржува верата и традицијата!“, „Не’ расплакавте со ангелските гласови на децата“, беа дел од коментарите што ги упатија учесниците и набљудувачите.

Во рамките на манифестацијата, бесплатно беа поделени 2000 божиќни ѕвездички.


Божиќниот концерт пак, традиционално предводен од „Златно славејче“ и македонските поп-ѕвезди ги подготви децата во еден глас да ја пеат „Вечниот Бог“.

Концертот веќе втора година по ред, беше инклузивен и им овозможи и на глувите и наглуви лица да ја почувствуваат радоста на празнувањето.


За оваа манифестација, Здружението „Бадникови поворки“ доби највисокото признание на КОВЗ „Вељо Манчевски“ за особен придонес во создавањето трајни вредности.

бт/нд/Фото: Здружение „Бадникови поворки“  .

Извор: МИА