Breaking News

Завршен настан од обука за антикорупција на 20 владини претставници од земјава во Италија


– Во Владата денеска ќе се одржи завршен настан од иновативната обука за борба против корупција преку транспарентност, наменета за 20 владини претставници од Република Северна Македонија, чиј домаќин беше Правниот факултет при Универзитетот „Луис Гуидо Карли“ од Италија во академската 2022/2023 година.


Обуката е во рамки на Извршната програма „Спротивставување на корупцијата во јавната администрација преку транспарентност“, финансирана од Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, преку Фондот на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ) при Европската банка за обнова и развој.


Под стручно раководство на професорите од Универзитетот „Луис“, учесниците имале можност да истражуваат теми како што се: јавните набавки, административната транспарентност, отчетност и дигитален идентитет во административните процеси.

 -Оваа уникатна програма означи значаен чекор напред во зајакнувањето на капацитетите на Северна Македонија во борбата против корупцијата во јавната администрација користејќи технички и административни процедури за поттикнување на транспарентноста.


Дваесетте внимателно избрани учесници беа селектирани во соработка со Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за политиките за добро владеење на Република Северна Македонија и поминаа специјализирана обука за теми од клучно значење за зајакнување на административните капацитети во борбата против корупцијата во јавниот сектор преку законодавни инструменти и процедури за транспарентност, соопшти Амбасадата на Италија во земјава.

Учесниците на обуката имале можност да се сретнат и со претставници на италијански институции, како Министерството за јавна администрација и Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка, Канцеларијата на Јавното обвинителство при Судот на ревизори, Управата за антикорупција и Финансиската полиција.


 Нивната професионална подготвеност ќе биде заокружена на денешниот настан во Владата каде што по повод затворање на Програмата ќе се обрати и нејзиниот директор, проф. Бернардо Џорџо Матарела.

хс/са/Фото: Амбасада на Италија во Северна Македонија   .


Извор: МИА