Breaking News

Започна прелиминарното гласање за општите избори во Нов Зеланд и за референдумот за домородното население во Австралија


Прелиминарното гласање за парламентарните избори во Нов Зеланд на 14 октомври започна денеска, а својот глас го даде конзервативниот кандидат Кристофер Луксон, објавија американските медиуми.


Прелиминарното гласање започнало и во некои делови на Австралија во рамките на референдумот, со што во австралискиот Устав ќе се внесе механизам Парламентот да се консултира со домородното население во земјата за политичките одлуки кои влијаат на нивните животи.


Во Нов Зеланд, динамиката на изборната кампања на премиерот Крис Хипкинс вчера беше нарушена, бидејќи тој беше позитивен на тестот за Ковид-19.

Премиерот рече дека ќе се самоизолира пет дена, или барем додека тестот не испадне негативен на коронавирусот, но планира да продолжи да извршува некои од неговите ангажмани од далечина преку платформата за видео-конференции „Зум“.


Хипкинс и неговата либерална Лабуристичка партија заостануваат во корист на гласачите кои ја поддржуваат Националната партија на Нов Зеланд, предводена од Кристофер Луксон, покажуваат анкетите.

Во Австралија, каде што гласањето е задолжително, околу 98 отсто од Австралијците со право на глас се пријавија да гласаат на референдумот за „Глас во парламентот“ за домородното население во земјата (комисија со која федералниот парламент се консултира за прашања што ги засегаат Абориџините).


Денеска започна прелиминарното гласање во вкупно четири држави и територии, а жителите на преостанатите четири административни региони ќе гласаат утре бидејќи денеска таму е државен празник.

Анкетите покажуваат дека засега помалку Австралијци ќе гласаат „за“, но премиерот Ентони Албанезе, кој ја поддржува можната промена, вели дека и понатаму се надева.


-Свесен сум дека многумина сè уште се неопределени, но она што го знам од повратните информации е дека кога се разговара за прашањето со луѓето, тие сосема природно доаѓаат до „да“.

Мислам дека овие индивидуални разговори ќе бидат клучни во следните две недели, така што секој човек може да го прифати барањето на огромното мнозинство Абориџини и жителите на островот Торесовиот проток, изјави Албанезе за медиумите во Мелбурн.

мс/фото: МИА архива .

Извор: МИА