Breaking News

Втора сесија од состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет– Република Северна Македонија и ЕУ


– Во Собранието денеска треба да продолжи состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ (МПК).


На втората сесија на МПК треба да се разгледаат мерките за справување со загадувањето и енергетската криза, да се усвојат препораките, да се разгледа Извештајот за Дијалогот „Жан Моне“ и  да се одреди место и датум за следниот состанок на МПК.


Првата сесија на состанокот на МПК се одржа вчера во Собранието на која се обратија евроамбасадорот Дејвид Гир, државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања Дрита Абдиу Халили и шведската амбасадорка.

 Евроамбасадорот Гир оцени дека политичкиот јаз се продлабочува и затоа потребните реформи назадуваат.


 – Има напредок, има чувство дека работите се движат напред особено во однос на усвојувањето на уставните измени во согласност со билатералните обврски преземени со Договорот меѓу државава и Бугарија, но за жал и покрај политичките заложби од двете страни за иднината на Северна Македонија во Европската унија сè уште нема заеднички дневен ред за потребните реформи, забележа евроамбасадорот.

Порача дека е важно да се адресираат недостатоците во спроведувањето на соодветните закони со што се обезбедува независноста и интегритетот на судиите, а приоритет, според него, треба да биде и зајакнувањето на човечките ресурси како во судството, така и во обвинителството.


Забележа дека процесот на избор на двајца судии во Уставниот суд и двајца членови во Советот на обвинители долго трае и треба што поскоро да се заокружи врз принципот на меритократија.

вј/бак/Фото: МИА архива .


Извор: МИА