Breaking News

Втор ден од заседанието на Воениот комитет на НАТО во Брисел 


Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска ќе учествува на продолжението на дводневното заседание на Воениот комитет на НАТО во седиштето на Алијансата во Брисел, на кое главна тема ќе биде соработката со партнерските земји и државите од Индо-пацифичкиот регион.


 Денешното заседание на Комитетот ќе започне со средба на началниците на Генералштабовите на Вооружените сили на членките на НАТО со нивните колеги од земјите од Партнерската група за застапување на интероперабилноста (ПИАГ) – Австралија, Австрија, Ирска, Нов Зеланд и Швајцарија.


 ПИАГ е формат на индивидуален безбедносен договор со земји што не се членки на НАТО, кој овозможува размена на доверливи информации и учество во обуки и вежби на Алијансата.

Дискусиите во овој дел ќе се фокусираат на сегашните и идните можности за воена интероперабилност.


 Во продолжение началниците на Генералштабовите со нивните колеги од Австралија, Јапонија, Кореја и Нов Зеланд ќе дискутираат за стратешката безбедносна ситуација во Индо-пацифичкиот регион, регионалните предизвици и нивните импликации врз глобалната безбедност.

  Дводневното заседанието на Воениот комитет ќе заврши со дискусија на неговите членови со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг посветена на актуелните политички цели и насоки пред средбата на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата идниот месец во Брисел и Самитот на Пактот во Вашингтон во јули годинава.


 Заседанието започна вчера со воведно обраќање на претседателот на Воениот комитет, адмирал Роб Бауер, кој нагласи дека за зајакнување на колективната одбрана на НАТО, но во исто време и за поддршката на Украина во нејзината борба за опстанок, потребен е заеднички пристап на целото општество.

 – Потребно ни е јавниот и приватниот сектор да го променат својот начин на размислување од ерата во која се беше испланирано, предвидливо, контролирано и фокусирано на ефикасноста, на ера во која се може да се случи во секое време.


Ера во која треба да го очекуваме неочекуваното. Ера во која треба да се фокусираме на ефективноста, нагласи Бауер.

 Затоа, според него, способноста на НАТО да го „очекува неочекуваното“ е директно поврзана со способноста да се гледаат работите од поинаква перспектива, да се применат нови и различни начини на работа и да се акумулираат различни перспективи за заканата.

 – За ова, клучна е нашата соработка со партнерите, потенцира холандскиот адмирал.

 Осврнувајќи се на војната во Украина, Бауер нагласи дека таа не е иницирана затоа што некогаш постоела безбедносна закана за Русија од Украина или од НАТО, туку затоа што Москва „се плаши од нешто многу помоќно од кое било физичко оружје на земјата: демократијата“.

 – Ако луѓето во Украина може да имаат демократски права, тогаш и луѓето во Русија наскоро ќе го посакаат тоа. Поради тоа е всушност е оваа војна.

Во 2024 година, рекордни две милијарди луѓе на Земјата ќе го дадат својот глас на демократски избори, а сепак концептот на демократија треба да се брани повеќе од кога било, рече Бауер.

 Според него, во темнината на војната украинскиот народ и вооружени сили се светилник кој му покажува на светот што значи да се бориш за она во што веруваш.

 – Денеска е 693-от ден од она што Русија мислеше дека ќе биде тридневна војна. Украина ќе ја има нашата поддршка за секој ден што доаѓа.

Затоа што исходот од оваа војна ќе ја одреди судбината на светот, додаде Бауер.

 Тој потенцира дека членките на НАТО треба да се погрижат политичката волја да биде усогласена со воените способности, во услови кога меѓународниот поредок заснован на правила е под огромен притисок.

 – Тектонските плочи на моќта се поместуваат и како резултат на тоа се соочуваме со најопасниот свет во последните децении, заклучи Бауер.

 На заседанието, на кое присуствуваат и врховниот командант на Сојузничките сили за Европа, генерал Кристофер Каволи и заменик врховниот командант на Сојузничките сили за трансформација, генерал Крис Бадија, во текот на вчерашниот ден стана збор за клучните приоритети и предизвици на Алијансата, за плановите за одвраќање и одбрана на Евроатлантската област (ДДА), за капацитетите на одбранбената индустрија, за процесот на воена трансформација на НАТО и квалитативно и квантитативно подобрување на неговите потенцијали, како и за интегрираната воздушна и ракетна одбрана.

 Во текот на вчерашниот ден се одржа и заседание на Советот НАТО-Украина, првпат на ниво на началници на Генералштабови, на кое се разговараше за руската агресија врз Украина, за ситуацијата на теренот и за постојаната поддршка на Алијансата за земјата.

 На маргините на заседанието на Воениот комитет, генерал Ѓурчиновски со негови колеги разговараше и за повеќе теми од взаемен билатерален интерес во сферата на одбраната. сп/Фото: МИА Архива  .

Извор: МИА