Breaking News

Врховниот суд на Израел го поништи спорниот закон за реформа на правосудството


Врховниот суд на Израел вчера го поништи контроверзниот закон усвоен од десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху, со кој се укина дел од овластувањата на високиот суд и предизвика протести низ целата земја.


Законот усвоен во јули беше дел од пошироката судска реформа предложена од Нетанјаху и неговата коалиција на верски и националистички партнери, што предизвика длабока поделба во Израел и загриженост за демократските принципи на земјата меѓу западните сојузници.


Законот отстрани една, но не сите алатки што ги има Врховниот суд за укинување на одлуките на владата и министрите.

Во одлуката на Врховниот суд се наведува дека спорниот закон го лишил судот од можноста да презема мерки против „несоодветните“ одлуки на владата, премиерот или поединечни министри.


За поништување на законот гласале осум од 15 судии, се вели во судското соопштение.

Партијата Ликуд на Нетанјаху го критикуваше времето на одлуката, велејќи дека е „жално што Врховниот суд одлучи да ја објави својата пресуда. . .


додека војниците од десната и левата страна се борат и ги ризикуваат своите животи во војна“.

-Одлуката на судот е во спротивност со желбата на народот за единство, особено во време на војна, додаваат од партијата. Пратениците од опозицијата ја пофалија одлуката.


Врховниот суд во резимето на својата одлука рече дека мнозинството судии одлучиле да го укинат законот, бидејќи тоа сериозно ќе и наштети на израелската демократија. мс/фото: МИА архива .

Извор: МИА