Breaking News

Вработените во Печатница Напредок – Тетово четири месеци немаат добиено плата, а повеќе години немаат здравствено осигурување, можно е отворање на сте…


Вработените во Печатница Напредок – Тетово, односно Напредок 1 и Напредок Принт – Тетово, веќе четири месеци немаат добиено плата, а повеќе години немаат ниту здравствено осигурување.


Претседателот ан Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, на денешната прес-конференција изјави дека до крајот на наредната недела ќе се даде можност за решавање на проблемот со дијалог, а во спротивно, се разгледува и можноста за отворање на стечајна постапка.


-Сакаме да дадеме уште една шанса на дијалогот, до крајот на наредната недела, раководството и основачот на овие две печатници да седне на иста маса со овие работници кои четири месеци не добиле плата и да најдат заедничко решение платите на вработените да бидат исплатени.

Спремни сме и на последниот механизам, да отвориме стечајна постапка за овие две компании и на таков начин работниците да ги згрижиме преку Агенцијата за вработување, да добијат одреден паричен надоместок, се разбира и здравствена заштита, истакна Трендафилов.


Како примери, тој ги наведе случаите со компанијата „Баргала“, каде што вработените немаа добиено повеќе од три плати, со вработените во „Бетон“, каде што вработените немаа добиено повеќе од седум плати, и рече дека може да се направи истото и за овие две печатници.

-Тие не го уживаат и основното уставно начело, да добиваат бесплатна здравствена заштита во овие денови иако сите се од повозрасната категорија на работници кои животот го оставиле токму во овие компании.


Жално е што во Македонија денеска ни се случува, повторно како во 90-тите години, да имаме се повеќе и повеќе стечајни работници, подвлече Трендафилов.

Претседателот на синдикалните организации при Печатница Напредок Принт и Печатница Напредок 1, Живе Ќировски истакнувајќи во каква голгота се наоѓаат околу 50 вработени од овие печатници рече дека 70-80 проценти од вработените се на минимална плата кои веќе четири месеци не ги примиле.


Објаснувајќи како е формирана додатната фирма Напредок Принт во 2021 година откако спомна дека Печатницата Напредок постои од 1948 година, Ќировски рече дека печатницата не е загубар и дека работи во позитива, меѓутоа во последните години дошле до ситуација да не можат да ги подмират тековните обврски и кон вработените, но и кон добавувачите.

-Причината е што, буквално нашиот управител и нашите сопственици ја префрлаат топката еден на друг. Секогаш кога реагираме зошто доцнат платите, сопственикот вината ја наоѓа кај управителот.

Од друга страна, нашиот управител се правда дека Просветно Дело, затоа што најголемиот обем од нашата работа е спрема нив, не ги подмирува обврските кон Печатницата Напредок Принт, односно не ги исплаќа нашите испорачани фактури, рече Ќировски.

Тој спомна дека работниците со години наназад, односно цела пандемија ја поминале без здравствено осигурување и дека токму од тие причини биле принудени да формираат синдикална организација во август 2022 година, бидејќи претходно никогаш немале.

-Овие луѓе со 50-60 години старосна возраст, со толку стаж да немаат право да искористат здравствено осигурување во најмала рака би рекол дека не е хумано, додаде Ќировски.

На новинарско прашање поврзано со работниците од компаниите „Бетон“ и „Баргала“, Трендафилов одговори дека работниците се запознаени со последните механизми кои им стојат на располагање и дека тие се згрижени преку Агенцијата за вработување и добиваат паричен надоместок, а постапката пред судот, како отворена стечајна постапка трае, нивните побарување се намирени и дека имаат во предвид дека стечајните управници ги прифатија сите побарувања од работниците во целост како што биле пријавени од страна на ССМ.

-И во делот на ранг листата, каде што прво се исплаќаат платите и придонесите, очекуваме веднаш штом бидат прибрани средства, односно да биде продаден капиталот на тие несовесни газди, да бидат намирени овие побарувања на работниците, рече Трендафилов.

Додека на прашањето во однос на покачувањата на платите, рече дека протестите на многу синдикати продолжуваат и дека се додека, како што кажа, функционерите не се срамат од покачувањето од 78 проценти, и работниците нема да се откажат од правото да добијат покачување за достоинствен живот.

 сх/нд/Фото: МИА .

Извор: МИА