Во Тунис протест поради социјалната и економската криза


– Неколку илјади луѓе денеска се собраа пред седиштето на владата, во главниот град на Тунис, во знак на протест против влошувањето на социјалната и економската состојба.


– Економската и социјалната состојба продолжува да се влошува, рече генералниот секретар на главниот синдикат УГТТ, Нуредин Табуби, во говорот пред демонстрантите.


Тој ја обвини владата за тоа влошување. Според него, социјалниот и економскиот дијалог денес е целосно блокиран.

Тој посочи дека одлуката на државата за отплата на странските долгови во 2023 година „била на штета на народот и предизвикала недостиг на основни производи“.


Табуби, исто така, ја критикуваше примената на „диктатот на Меѓународниот монетарен фонд“ (ММФ) на сметка на граѓаните на Тунис.

Економијата на земјата е во застој со раст од само 0,4 отсто во 2023 година и стапка на невработеност која достигна 16,4 отсто на крајот на минатата година, покажуваат податоците на Националниот институт за статистика.


Земјата, исто така, беше потресена од политички тензии, по пучот во јули 2021 година, со кој претседателот Каис Саид си додели целосни овластувања.

Поминувајќи низ сериозна финансиска криза, Тунис во октомври 2022 година склучи договор со ММФ за заем од две милијарди долари, но преговорите заглавија откако претседателот ги отфрли реформите препорачани од ММФ.


Тунис се обидува да ги отплати долговите, но нема ликвидност да му обезбеди на населението доволно основни производи, што доведе до чест недостиг од брашно, шеќер и ориз. јт/Фото: Х .

Извор: МИА