Во три одвоени случаи во близина на грчкиот остров Лезбос спасени над 100 бегалци и мигранти


– Крајбрежната служба на Грција во три одвоени случаи во морскиот дел во близина на островот Лезбос, рано утрово открила и спасила 115 бегалци и мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.


 Во сите случаи мигрантите се превезувале во чамци и биле откриени при редовна патрола на бродови на крајбрежната служба.


Во едниот чамец имало 68 лица, во вториот 42, а во третиот случај петмина бегалци.

Спасените биле безбедно пренесени на пристаништето во градот Митилини на Лезбос, а оттаму во центарот за прием и регистрација на бегалци и мигранти.


Паралелно, според грчката новинска агенција АНА-МПА во тек е голема акција на крајбрежната служба во близина на Пелопонез, откако јахта со околу 90 нелегални мигранти и бегалци била забележана од авион на Фронтекс.

На товарен брод биле пренесени 25 лица од товарен брод што бил во близина, а шест биле преземени од јахта и префрлени на пристаништето во Пилос, додека пак останатите, според АНА-МПА се очекува да бидат префрлени во друг товарен брод и сите да бидат однесени на пристаништето во градот Каламата.


ср/сд/ .

Извор: МИА