Breaking News

Во Собранието се одржа работилница за улогата на парламентите во процесот на евроинтеграција


Во рамки на Проектот за Програмата за парламентарна поддршка, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, преку Швајцарската амбасада во Република Северна Македонија, а спроведувана од Националниот демократски институт, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ и Центарот за управување со промени, денеска се одржа работилница на тема „Улогата на парламентите во процесот на европска интеграција“, чиј домаќин беше Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија.


Како  што информираат од собраниската прес-служба, претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми нагласи дека целта на работилницата е да се прикажат компаративни искуства за улогата која парламентите ја имале за време на пристапните преговори и во процесот на пристапување на ЕУ, во државите кои се веќе членки на ЕУ – Чешка и Хрватска, како и Црна Гора како земја која е во процесот на преговори по поглавјата.


Тој посочил дека работилницата може да даде придонес за тоа во кој формат и со каква надлежност Собранието ќе пристапи во текот на преговорите.

-Главна задача на Собранието во евроинтегративниот процес е да ги следи и насочува активностите на Владата и на органите на државната управа во процесот на стекнување полноправно членство на земјата во Европската унија.


Земјава ја нема променето својата евроатлантска ориентација и покрај бројните потешкотии и предизвици на ЕУ патот. Сѐ уште постои политички консензус за нашата европска иднина, потенцирал Адеми.

Тим лидерот на Програмата за парламентарна поддршка, Роберт Скот Хејзлет, истакнал дека граѓаните се изјаснуваат дека влезот во европското семејство ќе го подобри животниот стандард, ќе придонесе кон стабилноста и безбедноста и ќе се намали невработеноста.


НДИ останува посветен на поддржувањето на демократските процеси и патот кон ЕУ. -Да му се даде суштинска улога на Собранието во преговарачкиот процес.

Владата ги спроведува преговорите, учествува со предлози и искуства, но Парламентот е центарот на политичкиот живот, посочил вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.


Како што посочуваат од собраниската прес-служба, во рамки на работилницата биле споделени искуства на експерти на темата од Парламентите на Чешка, Хрватска и Црна Гора за тоа каква треба да биде улогата на Собранието, колку е важен политичкиот дијалог и соработката со невладиниот сектор.

фф/аа/Фото: Собрание на Република Северна Македонија Извор: МИА.