Breaking News

Во Командата за обука и доктрини во велешката касарна се одржа свечена промоција во прв подофицерски чин


Во салата на Војничкиот клуб на Командата за обука и доктрини КОД во велешката касарна денеска се одржа свечена церемонија за промоција во прв подофицерски чин во водник на 30 припадници на Армијата меѓу кои и три жени, кои успешно го завршија курсот.


Началникот на ГШ на Армијата  на Република Северна Македонија генерал- потполковник Васко Ѓурчиновски им го честита првиот подофицесрки чин на новопроизведените подофицери-водници и им порача да бидат горди на стапувањето во редовите на подофицерите што треба да им биде поттик за залагање и со нивни личен  пример да ја прикажуваат одликата за професионалното работење.


Воедно ги информира новопроизведените подофицери дека во следниот период ќе бидат распоредени во единиците на Армијата согласно специјалноста како командири на одделенија каде на професионалните војници  ќе го пренесуваат досегашното искуство, како и стекнатите знаења во процесот на изведување на обукатаПрворангираниот подофицер, водник Лазе Богоески, на своите колеги – новопромовирани подофицери им порача: „Научивме да станеме кога е најтешко, научивме да бидеме колектив, колектив кој изгради голем соживот.

Чекоревме храбро и чесно заедно со инструкторскиот тим и дење и ноќе само за да ја постигнеме оваа наша цел, цел означена со кохезија, држење еден до друг, тактичност. Цел за да станеме лидери“.


Командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански истакна дека денеска Армијата ги зајакна своите капацитети со лидери кои ќе мотивираат, инспирираат и водат.

Воедно ќе се развиваат како добри лидери преку секојдневните задачи, обуката на единиците, градењето на капацитети и армиските вредности и ќе придонесуваат Армијата да биде почитувана од сојузниците во НАТО.


– Пополнувањето на подофицерскиот кор ќе продолжи, затоа што подофицерите се’ оние кои го покажуваат правецот за секој војник, оние кои организираат, инспирираат, мотивираат.

Вие сте ’рбетот на Армијата, а за секоја држава клучно е тој ’рбет да биде исправен и цврст, истакна командантот на КОД, полковник Коколански.


На промоцијата, на инструкторите кои се залагале за успешна реализација на курсот и кои покажале особено залагање и високи резултати за време на обуката им беа доделени признанија од генерал-потполковник Ѓурчиновски и командантот на КОД, полковник Коколански.

ад/са/Фото: АРСМ                 .

Извор: МИА