Breaking News

Во Кавадарци политика го растури состанокот на пензионери од иницијативни одбори од повеќе градови


Во Кавадарци политика го растури денешниот состанок на пензионери од иницијативни одбори од повеќе градови.


По бројните обвинувања, несогласувања и повишување на тон од одделни пензионери, дел од нив ја напуштија средбата на која што требаше да се донесат заклучоци околу идното делување на овие пензионери, кои во изминатиот период се залагаа за повисок пензионерски стандард преку зголемени пензии и подобри услови за пензионерски живот.


– Очигледно е дека на средбата се присутни две крила на пензионери,  дека политиката замешала прсти, за жал.

Иако на почетокот од борбата што ја водиме за подобри денови за пензионерите, многумина од нас тргнаа со чесни намери и без политички или било какви други амбиции, различни од првичната намера, да се залагаме за подобар живот во третата доба, рекоа дел од незадоволните пензионери за МИА.


Дел од нив спомнаа дена поединци, во изминатиот период се обиделе да протнат политика меѓу пензионерите, блиска до политички партии од опозицијата, зборувајќи дури и за политички ангажман и влегување во политичката сцена на претстојните избори.

 Ѓорѓи Делов, претседател на иницијативниот одбор од Кавадарци, кој беше домаќин на средбата, нагласи за МИА, дека и покрај напуштањето на средбата на претставниците од неколку градови, останува борбата за поголеми пензии и достоинствен живот на пензионираните лица во државата.


свд/мд/Фото: МИА  .

Извор: МИА