Breaking News

Во голема акција албанската полиција уапси 273 лица, запленети се оружје, дрога и пари


Како резултат на големата национална акција против наркотици „Храм 2 (Tempulli 2), која е насочена кон сузбивање на продажба на дрога пред училишта или јавни објекти и површини, албанската полиција во текот на ноќта и утринските часови, во повеќе градови низ земјата, уапсила 273 лица, членови на  седум криминални групи.


Резултатите ги соопшти министерот за внатрешни работи Таулант Бала кој упати честитки до државната полиција, до сите локални полициски дирекции кои се под координација на генералниот директор на државната полиција и Одделот за војна против криминалот во генералната дирекција.


-Успеавме да реализираме втора фаза од операција „Храм“. Тоа беше голема операција на национално ниво, првиот успех е поврзан со тоа што немавме истекување на информации.

Издадените наредби се успешно извршени. Се согласуваме со сите жители дека треба да го зголемиме нашето присуство на територијата за безбедни училишта.


Многу е голема и количината на наркотици во однос на очекувањата. Дури и при оваа операција имаме голем број нелегално запленето оружје, рече Бала во изјава за медиумите.

Како што може да се види од фотографиите на министертвото за внатрешни работи, станува збор за предметите запленети во рамки на акцијата меѓу кои има дрога, од типот канабис, хероин и кокаин, поголем износ на пари, различно оружје и муниција.


-Втората фаза од операцијата не е поврзана само со училиштата, туку се фокусира на криминалот низ целата земја. Фокусот беше да се нападне феноменот на дистрибуција на наркотици.

Во оваа акција беа запленети и докази поврзани со целината на следната операција „Владеење на правото“, рече Мухамет Румбулаку генерален дректор на државната полиција.


И двајцата високи полициски старешини најавија дека во фаза на подготовка е нов Кривичен законик, кој ќе биде ставен на јавна расправа, во кој дел од него ќе опфати и правни олеснувања за лицата кои доброволно ќе го предаваат оружјето кое нелегално го поседуваат а го има во голема количина.

вт/сд/ Фото: МВР-Албанија .

Извор: МИА