Breaking News

Во Брисел продолжува билатералниот скрининг за Кластер 3 „Конкурентност и инклузивен раст“


Во Брисел денеска продолжуваат билатералните скрининг состаноци од Кластер 3 – „Конкурентност и инклузивен раст“ за Поглавјето  17 – „Економска и монетарна политика“.


Како што соопшти СЕП, членовите на работната група за Поглавјето 19, предводени од заменичката на главниот преговарач со ЕУ и државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања Дрита Абдиу-Халили, ги презентираа актуелната економска состојба во Северна Македонија и тековните фискални и структурни реформи.


Пред претставниците на Европската комисија, заменичката на главниот преговарач со ЕУ, Абдиу-Халили рече дека земјава „во континуитет постигнува значителни резултати преку апликациите во претпристапните економски програми, а од неодамна и од програмите за економски реформи“.

Абдиу-Халили на состанокот се осврна и на дел од реформите кои ги имаме реализирано, потенцирајќи дека е донесен Закон за буџет кој е во согласност со Директивата на Советот на ЕУ и дека Владата ќе остане фокусирана на креирање политики, кои, како што нагласи, „ќе ни помогнат да ги преземеме обврските кои произлегуваат од членството во економската и монетарната унија“.


– Посветени сме на унапредување на јавните финансии и промовирање на ефективни економски политики.

Усогласувањето со европската регулатива е во напредна фаза и наш главен приоритет е зајакнувањето на институционалната и финансиската независност на Народната банка, додаде Дрита Абдиу-Халили.


Надлежни институции за оваа област, чии претставници на денешниот билатерален скрининг ја презентираа монетарната и економската  политика на Северна Македонија, се: Министерството за финансии, Народната банка, Министерството за економија, Државната агенција за статистика и Државната комисија за спречување на корупцијата како и Секретаријатот за европски прашања, стои во соопштението на СЕП.

Утре ќе започне билатералниот скрининг состанок за Поглавје 29 – „Царинска унија“, кое ќе трае два дена. нд/сп/Фото: СЕП .


Извор: МИА