Breaking News

ВМРО-ДПМНЕ прифаќа лидерска средба за датум за избори, за Изборниот законик и за укинување на техничката Влада


За ВМРО-ДПМНЕ лидерска средба е прифатлива за понеделник после 11 часот на која би се разговарало за конечно прецизирање на датум за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ, брифираат денеска од опозициската партија.


– Од медиумите дознавме дека премиерот Ковачевски закажува лидерска средба за понеделник поврзана со изборите. Таквата комуникација преку медиуми за вака важни прашања е негов избор.


Лидерска средба е секако прифатлива за во понеделник, на која очекуваме да се разговара конечно за прецизирање на датум за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички оремиер од ДУИ, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

 Воедно бидејќи се одлучи за комуникација преку медиуми, од партијата бараат средбата да биде после 11 часот во понеделник бидејќи, како што наведуваат, претседателот на ВМРО – ДПМНЕ има часови со студенти на Машинскиот факултет каде работи како редовен професор.


Премиерот Димитар Ковачевски синоќа на заедничката прес-конференција со потпретседателот на ЕК и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел кажа дека денеска ќе упати покана за средба до сите претседатели на парламентарните политички партии, како и до претседателот на Собранието.

Како теми за средбата ги посочи евроинтеграцијата, редовните претседателски и парламентарни избори, како и измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР.


Пред неколку дена тој кажа дека форматот на средбата ќе биде ист како на претходната што се одржа во Собранието.

Извесно е дека изборите во 2024 за пратеници ќе се одржат во мај, а првиот круг од претседателските избори две недели претходно. ев/лв/ФОТО: МИА Архива .


Извор: МИА