Breaking News

Вашингтон Пост: Следниот месец планирана средба Бајден-Си во Сан Франциско


Белата куќа продолжува со плановите за средба меѓу американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот лидер Си Џинпинг во Сан Франциско следниот месец, додека двете земји се обидуваат да ги стабилизираат своите односи, објави Вашингтон пост.


Врските меѓу двете најсилни економии во светот станаа тензични во последниве години поради голем број прашања, вклучително и Тајван, изворот на пандемијата на Ковид 19, човековите права и трговските тарифи.


 „Вашингтон пост“ се повика на изјави на неименувани американски функционери, од кои едниот рече дека можноста за средба е „прилично силна“. „Го започнуваме процесот“ на планирање, рече функционерот.

Состанокот ќе следи по серијата посети на Кина од страна на американски официјални претставници, како онаа на државниот секретар Ентони Блинкен во јуни, министерката за финансии Џенет Јелен во јули и министерката за трговија Џина Раимондо во август.


Неодамна Блинкен се сретна и со кинескиот потпретседател Хан Женг во Њујорк, а американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан се сретна со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во Малта.

Кинеската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањето за коментар за извештајот на Вашингтон пост. Ниту Белата куќа немаше коментар. ссм/фото: архива .


Извор: МИА