Вандали оштетиле дел од поставената опрема долж кејот на река Брегалница во Берово


Вандали искршиле дел од канделабрите долж кејот на Брегалница во Берово. Настанот го потврдија од Општина Берово од каде информираат дека случајот ќе биде пријавен до надлежните од ОВР Берово, со цел откривање на сторителите.


-Синоќа по патеката на реката Брегалница веројатно под „дејство“ на наплив на љубов и почит кон заедничкото, непознат сторител или сторители направиле акт на вандализам и ги испокршиле канделабрите по пешачката патека на реката Брегалница. Општина Берово случајот ќе го пријави во Министерството за внатрешни работи за по службена должност да ги откријат и казнат сторителите, информираа од Општината.
Апелираа да не се уништува заедничкото добро бидејки истото е поставено за заедничка добробит на сите граѓани.
-Таквите поединци кои не се целосно социјализирани и немаат развиено чувство за грижа за заедничкото, делувајте кон нив, подучете ги, објаснете им што е заеднички имот, што е општество, како се грижиме сите за тоа што е наше, што е заедничко, кое се плаќа од сите, па и од нивните џебови за да ни биде убаво на сите. Еден од нив да вратиме да биде нормален и чесен граѓанин, пак ќе биде успех, додадоа од Општина Берово.
Канделабрите како што дополнија ќе бидат заменети во најбрз можен рок со цел осветлувањето по споменатата патеката повторно да биде доведено во ред. вс/сст/