Breaking News

Увозот на спортска опрема во ЕУ речиси двојно поголем од извозот


– Од извоз на спортска опрема и реквизити Европската Унија лани оствари приход од 7,5 милијарди евра, што претставува зголемување од 10,9 отсто во споредба со 2021 година, кога заработката во овој сектор изнесуваше 6,7 милијарди евра, покажуваат податоците на Европската статистичка служба – Евростат Како што јави дописникот на МИА од Брисел, од друга страна, во текот на минатата година во ЕУ се увезени спортска опрема и реквизити во вредност од 14,3 милијарди евра.


 Дури 62,4 проценти од вкупниот приход во овој сектор е остварен од извоз на чамци и реквизити за спортови на вода (28,2 отсто), на опрема за гимнастика, атлетика и пливање (20,7 проценти), како и на спортски обувки (13,5 отсто).


Најголем дел од трошоците за увоз во ЕУ, пак, отпаѓаат на спортски обувки со 28,8 проценти, по што следуваат опремата за гимнастика, атлетика и пливање со 25,9 отсто и велосипедите со 9,5 проценти.

 Водечки земји за пласман на спортска опрема и реквизити од ЕУ се пазарите во САД со 24,5 отсто од вкупно остварениот приход од извоз, пред Велика Британија со 14,1 и Швајцарија 12,9 проценти.


На овие три земји отпаѓа 51,5 отсто од вкупниот извоз на спортска опрема и реквизити од ЕУ. На четврто место на листа е Норвешка со 7,3 проценти удел, а на петто Турција со 4,8 отсто.

 Во текот на 2022 година, дури 6,7 милијарди евра или 46,9 отсто од вкупниот увоз на спортска опрема и реквизити во ЕУ потекнувал од Кина, што претставува раст за 3,4 проценти споредено од со претходната година.


По Кина, на второ место според уделот во увозот во ЕУ е Виетнам со 16,1 отсто, пред Индонезија со 6,3, Камбоџа со 4,7 и Тајван со 4,4 проценти. сп/Фото: МИА Архива/Евростат .

Извор: МИА