Breaking News

УНРВА предупреди дека нејзините засолништа во Газа веќе не се безбедни


Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) денеска ги повика израелските власти да ги заштитат сите цивили во нејзините објекти низ Појасот Газа, вклучително и тие на северот и во градот Газа.


УНРВА соопшти дека и покрај наредбата да се евакуираат повеќе од милион луѓе од северните делови на Газа, речиси половина од вкупното население, многу луѓе, особено бремените жени, децата и постарите и тие со посебни потреби, нема да можат да заминат.


 Тие немаат избор и мора да бидат заштитени во секое време, велат од Агенцијата.

УНРВА заклучи дека нејзините засолништа во северниот дел на Појасот Газа повеќе не се безбедни и дека тоа е без преседан.


Израел нареди евакуација на стотици илјади цивили кои живеат во градот Газа, бидејќи се очекува израелска копнена офанзива, што е нова фаза во војната што започна пред една недела со ненадеен напад на Хамас на јужна и централна израелска територија.

Претходно, ОН, како што рекоа, добиле предупредување од Израел дека е неопходно да се евакуираат 1,1 милион луѓе кои живеат на север од Појасот. Одлуката за копнена офанзива се уште не е донесена.


Во војната досега се убиени најмалку 3. 200 луѓе. рп/Фото: ЕПА .

Извор: МИА