Breaking News

УНИЦЕФ: Најголем број бракови со малолетни девојчиња во светот се склучуваат во Јужна Азија


Најголем број бракови со малолетни девојчиња во светот се склучуваат во Јужна Азија, покажуваат новите податоци објавени денеска од УНИЦЕФ.


Финансиските тешкотии и затворените училишта за време на пандемијата на Ковид ги принудуваат семејствата да ги вдомат своите ќерки и покрај нивната мала возраст, јавуваат светските агенции.


Во регионот има 290 милиони „деца невести“, што е 45 отсто од вкупниот број на малолетните сопруги во светот, соопшти Детскиот фонд на Обединетите нации и повикува на изнаоѓање повеќе напори за ставање крај на оваа практика.

„Фактот што Јужна Азија го носи товарот на најголемиот број бракови со малолетни девојчиња во светот не е ништо помалку од крајна трагедија“, рече директорката на УНИЦЕФ за Јужна Азија, Ноала Скинер.


„Стапувањето во брак на малолетна возраст ги лишува девојчињата од образование, ги става во опасност нивното здравје и благосостојба и ја загрозува нивната иднина, додаде Скинер.

За многу родители, мажењето на нивните ќерки им била најдобрата варијанта, бидејќи можностите нивните девојчиња да учат за време на пандемијата на Ковид биле ограничени, покажуваат податоците од студијата на УНИЦЕФ, која вклучува интервјуа и дискусии во 16 области во Бангладеш, Индија и Непал.


Според законот, возраста на која на девојчињата имаат право да склучат брак во Непал и Авганистан е соодветно 20 и 16 години, додека во Индија, Шри Ланка и Бангладеш е 18 години.

Во Пакистан, девојчињата имаат право да се омажат на 16-годишна возраст, освен во провинцијата Синд, каде што возраста е 18 години.


Според студијата на ОН, семејствата биле принудени да ги омажат своите малолетни ќерки со цел да се намалат трошоците за домаќинството поради финансиски тешкотии за време на пандемијата.

рп/Фото: МИА архива Извор: МИА.