Breaking News

Уникатни спортски предмети на Изложбата за животот и кариерата на Паоло Роси и легендите на фудбалот во Скопје


Голем број уникатни предмети меѓу нив и Златната топка за најдобар играч на Мундијалот во Шпанија 1982 година и копачките со кои го постигна хет-трикот на натпреварот против Бразил кои му припаѓале на златното момче на италијанскиот фудбал Паоло Роси како и на повеќе меѓународни спортски фудбалски легенди – како Марадона, Пеле, Алфредо ди Стефано, се презентирани на изложбата што од денеска е отворена во мултимедијалниот центар Мала станица во Скопје.


Поставката со наслов „Паоло Роси – златното момче и легендите на фудбалот“, доаѓа во главниот град во земјава по големиот успех на гостувањата во Рим, Милано, Фиренца, Торино, Тренто, Римини, Болоња, Венеција, Цирих и во регионот после Белград и ТиранаОвој исклучителен меѓународен изложбен настан во организација на Амбасадата на Италија во земјава, Италијанскиот институт за култура во Белград и ФФМ, е посветен на херојот од Мундијалот во Шпанија од 1982, на кој победи Италија, како и на други познати шампиони од целиот свет.


На церемонијата на сечењето на лентата присуствуваа премиерот Талат Џафери, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, Федерика Капелети сопруга на Паоло Роси и претседател на Федерацијата на италијанскиот женски фудбал и координаторот на проектот Мухарем Салиху.

Гостин на изложбата бешпе и Џанлука Ѕамброта италијанскиот репрезентативец кој беше дел од СП во Германија во 2006 година кога Италија го освои Мундијалот.


-Иако спортот и уметноста можеби се чинат сосема различни категории она што ги поврзува е самата суштина, односно содржината со која го осмислуваат и облагородуваат животот.

Спортот и уметноста се двбата најуниверзални јазици што ги имаме.


Тие ни овозможуваат да се изразиме физички, емоционално па дури и интелектуално овозможувајќи да се поврземе и да функционираме едни со други низ целиот свет преминувајќи ги границите, културите, јазиците и генерациите, рече директорката на Националната галерија Дита Керими Старова.

Марко Скембри директорот на изложбата потенцира дека фудбалот за Италијаните не е само страст туку и начин на живот, а поставката е можност да се запознаеме со животот на Роси и неговата кариера од самите почетоци до најголемите успеси.


Изложбата е нагласи, и единствена можност за љубителите на фудбалот од младите до највозрасните да видат предмети како дресот на Лео Меси и фурбалската топка од финалето на СП во Катар во 2022 година.

Италијанскиот амбасадор Силвестри истакна дека Роси има посебно место во историјата на Италија, бидејќи со победата на СП во Шпанија ја обедини нацијата со „сините“ во посебен момент за земјата која тогаш излегуваше од годините на тероризмот.

Тој ја потенцира и важноста на спортската дипломатија и нагласи дека оваа изложба е и одличен начин да се прослават 30 години на дипломатски односи меѓу Италија и Северна Македонија.

За што е посветена и една книга која може да се симне од веб страницата на Амбасадата.

-Тоа се 30 години на дипломски односи не само институционални, туку и односи на вистинско пријателство меѓу народите во кое и спортот, фудбалот има голема улога.

Знам дека многу Македонци имаат опмилена италијанска екипа.

Тука се и Горан Пандев, кој целата своја фудбалска кариера ја помина во Италија, Елиф Елмас, Александар Трајковски, рече меѓу другото амбасадорот Силвестри.

Сопругата на Роси, Капелети изрази задоволство од можноста со изложбата да посети нови земји, чија цел е потенцира да ги промовира вредностите и принципите на Роси кој претствува модел за младите генерации – пријателството, мирот и хуманоста.

 Во изложбениот простор во Мала станица хронолошки се прикажани фотографии кои го следат животот и кариерата на Паоло, низ една иновативна поставка која цели да создаде патување од почетокот на неговата кариера се’ до целото наследство што му го остава на светскиот фудбал.

Посетители можат да погледнат преку 500 уникатни предмети, изложени на панели, штампи, банери, монитори, табли, вклучувајќи ги и најважните негови трофеи изложени во витрини: Златната топка од 1982 доделена од списанието Франс Фудбал, Златната копачка за најдобар стрелец од мундијалот во Шпанија 1982, Златната топка за најдобар играч на мундијалот во Шпанија 1982, Неговиот дрес од финалето на мундијалот во Шпанија 1982 и копачките со кои го постигна хет-трикот на натпреварот против Бразил.

На изложбата ќе може да се види еден проект за виртуелна реалност кој на посетителите ќе им овозможи повторно да ги доживеат трите гола на Роси постигнати против Бразил седејќи на трибините на стариот стадион Сариа во Барселона.

Во изложбениот простор, ексклузивно во Скопје, ќе може да се види и дресот што го носеше Лионел Меси во финалето на ФИФА Светскиот куп во Катар 2022, Аргентина – Франција, и една од официјалните топки од овој натпревар, како и простор посветен на легендите од историјата на меѓународниот фудбал.

Благодарение на Музејот на ФИФА и некои од најважните колекционери во светот, изложени се и низа уникатни предмети како што се: дресови, копачки, тренерки, топки, фотографии, документи, трофеи и медали кои им припаѓаат на најголемите легенди на светскиот фудбал, вклучувајќи ги и дресовите на сите 47 добитници на Златната топка од 1956 година до денес.

При посетата на изложбата ќе може да се видат предмети кои им припаѓале на: Марадона, Пеле, Алфредо ди Стефано, Герд Милер, Џузепе Меаца, Сандро Мацола, Боби Чарлтон, Џорџ Бест, Фалкао, Лав Јашин, Ференц Пушкаш, Франц Бекенбауер, Јохан Кројф, Еузебио, Дино Ѕоф, Христо Стоичков, Лотар Матеус, Мишел Платини, Роберто Баџо, Франко Барези, Марко Ван Бастен, Роналдо, Зинедин Зидан, Луис Фиго, Лионел Меси, Нејмар, Кристијано Роналдо, Златан Ибрахимовиќ, Џанлуиџи Буфон, Франческо Тоти, Андреа Пирло, Килијан Мбапе, Ерлинг Халанд, Лука Модриќ и многу други.

Изложбата е отворена до 21 април, влезот е слободен. вг/са/Фото: МИА .

Извор: МИА