Breaking News

Тутунарите очекуваат денеска и утре сите откупувачи да ги покачат цените на тутунот


Производителите на тутун очекуваат денеска и утре сите откупни компании да го следат примерот на Тутунскиот комбинат Прилеп и да ја зголемат откупната цена на тутунот.


 Како што рече денеска претседателот на Сојузот на здруженијата на тутунопроизводителите, Менде Стомнароски, тутунарите очекуваат и предавањето на реколтата да тече без никакви проблеми.


-Мерките на Владата, но и покачувањето на откупните цени за кои синоќа донесе одлука ТК Прилеп, се добредојдени за тутунарите.

Бевме во исчекување кога ќе се случи покачувањето на откупната цена и колку ќе изнесува иако нам секогаш, колку и да цената покачена, ќе ни биде мала.


Очекувам сите останати компании да го следат примерот на ТК Прилеп.

Денеска и утре очекувам да ја зголемат откупната цена и агонијата на чекањето за непредавање на количините да заврши, рече Стомнароски на прес-конференција во Владата.


Претходно, на прес-конференцијата, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски соопшти дека тутунарите ќе добијат дополнителни 20 – 30 денари субвенција за предаден тутун по класи, а од 2024 година за нив се предвиден и „зелена нафта“, како и 6 000 денари поддршка за хектар површина.

мч/лв/ .


Извор: МИА