Турските државјани најбројни меѓу странските работници и студенти кои добиле дозвола за престој во Македонија


И во однос на работа и во однос на студирање, турските државјани се најбројни меѓу странските државјани кои добиле дозволи за престој во Македонија за 2023 година, пишува Skopje.IN.


Заклучно со 26 декември минатата година, Агенцијата за вработување издала 5.676 мислења за работни дозволи на странци за работа во Македонија и лични работни дозволи.


Според државата на потекло, најмногу дозволи биле издадени на лица кои доаѓаат од Турција, Косово, Србија и Албанија.

Најчести дејности за кои се издадени дозволите, како што посочуваат од Агенцијата за вработување се за управители, градежни работници, тесари, електричари, армирачи и друго.


„Во 2023 година до денес се поднесени 6248 барања и секоја година се зголемува бројот.

Во 2023 досега, одбиени се 346 барања од причина поради некоплетна документација, во нашата евиденција има таков профил на невработени лица и слично“, велат од Агенцијата.


Во меѓувреме, како што ни изјавија од Министерството за внатрешни работи, минатата година биле издадени 625 дозволи на лица од Турција за привремен престој во Македонија за студирање.

Бројот на издадени дозволи на странци од други земји, споредено со Турција е незначителен, па така, по 10 дозволи биле издадени за лица од Србија и Косово, 7 за лица од Црна Гора, 6 за лица од Босна и Херцеговина, 3 за лица од Албанија и по 1 дозвола за лица од Австрија, Бугарија, Египет, Филипини, Франција, Германија, Грузија, Пакистан и Полска.


Инаку, издадени се и 2 дозволи за привремен престој за школување на лица од Турција и 1 дозвола за лице од Косово.

Турските државјани биле доминантни меѓу странските работници и студенти во Македонија и во 2022 година.