Breaking News

Турк вознемирен од повикот на израелските власти Палестинците да ја напуштат Газа


Шефот на Обединетите нации за човекови права, Фолкер Турк, изјави дека е „многу вознемирен“ од изјавите на високите израелски претставници кои ги повикуваат Палестинците да ја напуштат Газа.


“Многу сум вознемирен од изјавите на високи израелски функционери за плановите за префрлање на цивили од Газа во трети земји“, напиша Турк на социјалната мрежа Х.


Тој додаде дека меѓународното право забранува присилно пренесување на заштитени лица во или депортација од окупираната територија, пренесува „Ал Арабија“.

Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир во понеделникот повика на промоција на „решенија за поттикнување на емиграцијата на жителите на Газа“ и повторно воспоставување на израелски населби во Појасот Газа.


Еден ден претходно, екстремно десничарскиот израелски министер за финансии Безалел Смотрич, исто така, повика на враќање на доселениците во Газа, додавајќи дека Израел треба да „охрабри“ околу 2,4 милиони Палестинци од енклавата да ја напуштат.

Израелската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху официјално не предложи планови за иселување на жителите на Газа или враќање на еврејските доселеници на територијата откако изби војната откако палестинската милитантна група Хамас го нападна јужен Израел на 7 октомври.


Повеќето од жителите на Газа беа принудени да ги напуштат своите домови заради борбите меѓу Израел и Хамас. сд/фото:МИА архива .

Извор: МИА