Breaking News

Тринаесет загинати во нови судири меѓу земјоделци и сточари во Нигерија


Најмалку 13 лица се убиени од петокот во новите судири меѓу заедниците на земјоделци и сточари во центарот на Нигерија, соопштија локалните власти на двете заедници.


Во последните неколку недели, тензиите и смртоносните конфликти меѓу заедниците на сточари и земјоделци, кои се расправаат за користењето на земјиштето и ресурсите, повторно избија во централната нигериска држава Плато.


Во петокот, пет сточари кои дојдоа на пазарот за да ги продадат своите животни беа уапсени и убиени во заедницата Равуру, а за тоа се осомничени млади лица од земјоделската заедница Бером, изјави локален претставник на сточарите.

Потоа, како одмазда, во истото место беа убиени осум земјоделци од таа заедница, а ги убиле сточари. Портпаролот на локалната полиција го потврди последниот напад и бројот на загинати.


Тој потврди дека нападот се случил откако сточарите биле убиени, но не можеше да го потврди точниот биланс од првиот напад.

Редовно има тензии и конфликти во областите на северозапад и во центарот на Нигерија поради експлоатација на земјиште и водни ресурси меѓу земјоделците и сточарите, што дополнително се интензивираше во последниве години поради демографскиот притисок и климатските промени.


Серијата убиства проследени со одмазда доведоа до развој на поширок криминал во регионот со банди кои спроведуваат целни рации во селата каде што убиваат десетици селани, ограбуваат и киднапираат луѓе за да бараат откуп.

Од средината на мај, повеќе од 120 луѓе се убиени во судири во државата Плато. Повеќе од три илјади луѓе беа раселени поради насилство.


Локалните власти испратија мобилни полициски сили во неколку области на државата Плато за да воспостават ред. мс/сд/фото: МИА архива .

Извор: МИА