Breaking News

Тринаесет проценти раст на нето-платите во ТИРЗ и десет отсто поголема нето-добивка


Динамиката на раст на нето-платата во ТИРЗ ја надминува динамиката на раст на нето-платата во националната економија.


Регистрираме близу 13 проценти зголемување на нето-платата во 2022 година во однос на 2021-ва, но тоа не е доволно.


Сметам дека ова е поле во кое можеме да вложиме напор за дополнително да го подобриме животниот стандард на оние веќе речиси 17 000 наши сограѓани кои се ангажирани во компаниите во рамки на зоните, рече денеска директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски.

Деспотовски, кој на средба со новинарите информираше за реализацијата во зоните, потенцира и дека компаниите постепено се враќаат на претходното ниво на генерирани добивки, на предпандемиското ниво на добивка.


-Денеска ги презентираме податоците од годишните сметки на компаниите за минатата година кои покажуваат неколку клучни движења и даваат одговор на некои од дилемите што се наметнаа од аспект не само на нивното работење, туку и на некои глобални трендови.

И во делот на работењето на самите компании, во делот на добивката, и покрај растот на платите, и покрај растот на трошоците за електроматеријали, имаме регистрирано раст на нето-добивка од 10 проценти.


Тоа е дополнителна основа по која државата приходува средства кои не се вклучени во податоците што ги спомнав, истакна директорот.

Според него, има сериозен раст на уплатите во Буџетот од страна на компаниите корисници на ТИРЗ.


-Минатата година, само по основа на придонеси и персонален данок е евидентиран раст од 35 проценти во однос на 2021-ва.

Значи, ако во 2021 година уплатите во Буџетот биле на ниво од некаде две милијарди денари, минатата година се регистрирани безмалку 2,75 милијарди денари, односно 750 милиони денари повеќе средства влегле во буџетот во однос на 2021 година.

На што се должи тоа? Пред се, на регистрираниот раст на број на вработени од 17 проценти и она што имавме исто така можност да го увидиме од самите годишни сметки, тоа е засилената динамика на раст на платите, нагласи Деспотовски.

мч/аа/  фото: МИА .

Извор: МИА