Breaking News

Три лица загинаа во операции на израелската армија и судири на Западниот Брег


Три лица се убиени синоќа во операции на израелската армија во Џенин на Западниот Брег, јави ДПА, повикувајќи се на израелската армија.


Израелските вооружени сили соопштија дека синоќа извршиле антитерористичка операција во градот, при што Палестинците фрлиле експлозивни направи. Војниците возвратиле на оган и убиле едно лице.


Убиениот 19-годишен Палестинец бил застрелан во градите и бутот, соопшти палестинското Министерство за здравство во Рамала.

ИДФ, исто така, соопштија дека нападнале и убиле уште двајца палестински вооружени лица во Џенин, а здравствените власти информираат дека две лица биле убиени во напад на израелско беспилотно летало врз бегалскиот камп таму.


Здравствените власти известија за вкупно четворица Палестинци повредени за време на операциите во Џенин.

Се верува дека градот е упориште на палестинските милитанти и израелската армија постојано го напаѓаше, забележа ДПА. мс/фото: МИА архива  .


Извор: МИА