Breaking News

Трет меѓународен Симпозиум по естетска медицина во Скопје 


Скопје денеска ќе биде домаќин на третиот Симпозиум по естетска медицина со меѓународно учество, на кој со свои трудови ќе настапат авторитетни имиња од областа од пет држави во регионот и од Шпанија.


Пред над 100 пластични хирурзи, стоматолози, орални хирурзи и дерматолози ќе бидат презентирани најновите светски трендови во естетската медицина и нивната примена во земјава и во регионот, најави Здружението за естетска медицина (ЗЕМ), организатор на симпозиумот.


 Симпозиумот, како што информира ЗЕМ, ќе го отворат претседателот и секретарот на Здружението Игор Пеев и Анџелика Илиева, а предвидено е обраќање и на министерот за здравство Фатмир Меџити.

Од ЗЕМ истакнуваат дека нивната мисија е да се подигнат и негуваат стандардите во оваа медицинска гранка преку стручно усовршување и континуирана едукација, да се поттикне научно-истражувачката работа во областа и да се интензивира соработката меѓу професионалците во областа во земјава и во странство, а сѐ со цел на пациентите да им се направат достапни најновите современи техники во естетската медицина.


Посебен фокус на Здружението е дефинирање и строго почитување на професионалните норми и протоколи во оваа брзорастечка и популарна гранка на медицината. лв/дма/ .

Извор: МИА