Breaking News

Тренчевска: Успешно завршуваат самоиницијативите кои почнуваат со амбициозни и посветени партнери


Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со претставниците на извидниците кои беа дел од тимот кој ја спроведуваше глобалната иницијатива „Walk and Talk“ во нашата држава.


Иницијативата беше спроведена од страна на МТСП во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи.


Како што соопшти Министерството, во иницијативата беа вклучени над 500 млади луѓе на возраст меѓу 15 и 25 години во период од три месеци. Настаните беа спроведени во 16 општини ширум државата.

Министерката Тренчевска и извидниците на средбата разговараа за собраните искуства и посочените потреби на младите од настаните кои беа организирани, замислени како пешачки тури.


Извидничката Снежана Јанковиќ истакна дека пријатната атмосфера која беше присутна за време на настаните гарантираше безбеден простор за секој млад човек да може да ги истакне предизвиците со кои се соочува и понекогаш дури и да сподели решение кое може да им користи и на другите присутни.

Тренчевска се заблагодари за добрата соработка од три месеци, за иновативните патеки и активности кои ги подготвија извидниците и за нивната вклученост во логистичкиот дел на изведување на активностите.


– Млади и посветени лица како вас се почесто треба да бидат присутни во јавноста. Вашиот ентузијазам и љубов кон работата треба да го одликува секој млад човек.

Само на таков начин се прават промени во општеството, а иднината останува на кого ако не на вас младите, рече Тренчевска.


На крајот од средбата беа изразени и желби за понатамошна соработка и продолжување на иницијативата „Walk and Talk“ поради позитивниот ефект и влијание кое го имаше врз младите. мд/нд/Фото: МТСП    .

Извор: МИА